Претседателот на Партијата на пензионерите, Илија Николовски денеска за ТВ21 порача дека линеарно зголемување на пензиите не е можно.
Според него, сега е поприфатливо да се бара одредено нивелирање на пензиите отколку линеарно покачување. Сепак како клучно решение гледа во донесување на закон за минимална пензија.
Николовски се сомнева дека зад овие протести има политичка позадина.
„Она што бараат линеарно зголемување таков модел во светот не постои, ниту економски, ниту е правно издржано тој модел што тие го бараат. Тоа значи дека пензијата не е подарок, туку пензијата е економска категорија. Ниту е економски, ниту правно, ниту логично издржано тоа, значи некој ги изманипулира пензионерите, не сакам да кажам кој е, но постојат политички сили кои ги изманипулираа и да дојдат на власт јас би ги прашал како би можеле тие тоа да го изменаџираат“, вели Илија Николовски.
Претседателката на пензионери Станка Трајкова вчера посочи дека не ги поддржува протестите, a исто така се пофали дека зема повисока пензија.
Таа порача дека нема да ги поддржи големиот протест кој е најавен за понеделник нема да го поддржи.
„Начинот на моето работење не е на улица и на такви протести. Начинот на моето протестирање е да работам и да ги решавам барањата на пензионерите како и досега, бидејќи овој дел што сега протестира не ги претставува сите пензионери, да се решаваат барањата преку институционален пат“, изјави таа.
Пензионерите пак револтирани за овие изјави бараат од нив да излезат пред нив и ова да им го соопштат.
Според нив, нема зошто да се кријат и да се плашат.
„Се прашувам за кого работи, ако работи за нас треба да е со нас“, вели пензионерка.
„А да му кажеме на претседателот дека се откажуваме од тие 130 денари што му ги даваме за тие автобуси?“, вели друга пензионерка.