Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, најави дека се очекува постапката за измена на Законот за локална самоуправа да заврши до летото оваа година, а новите кандидати за градоначалници во ноември ќе бидат избрани по новото законско решение. Промените ќе вклучуваат можност за референдумско отповикување на градоначалниците, воведување на комунален надзор, и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.
Министерот нагласи дека процесот на подготовка на предлог измените на Законот за локална самоуправа треба да заврши околу 30 март. Потоа, тие ќе бидат усвоени на владина седница и ќе влезат во собраниска процедура. Според Перински, измените не можат да важат ретроградно, што значи дека не може да се отповикаат актуелните градоначалници и дека закони не може да се менуваат согласно персоналните решенија.
„Сакаме да ја подобриме ситуацијата на локално ниво и да создадеме поквалитетно и поиздржано законско решение за сите засегнати чинители“, додаде министерот.
Перински истакна дека новите измени на законот ќе се однесуваат само на новоизбраните градоначалници, кои ќе ги добијат своите мандати по ноември. Тој изрази уверување дека процесот за подготовка на предлог измените ќе биде успешно завршен и додаде дека очекува консултациите со парламентарните партии да водат до подобро решение од актуелното.
Министерот говореше пред почетокот на последната од четирите консултативни средби за измена на Законот за локална самоуправа, која се одржа денеска во Скопје. Претходните три средби беа одржани во Битола, Штип и Гостивар.
„Станува збор за системско решение за кое беше неопходно да имаме широка јавна дебата за да ги чуеме мислењата од сите чинители и тоа и го направивме. Иако некои сметаа дека се премногу четири јавни дебати инсистиравме да има барем четири за да можеме да ги слушнеме и опфатиме сите страни“, додаде Перински.
Тој најави дека денеска на средбата ќе се разговара со градоначалниците од Скопскиот и Северно-источниот плански регион, како и со сите невладини организации кои сакаат да учествуваат во дебатата.