Николоски најави пет нови авиолинии од јуни: Македонија станува регионален центар за керозин

Македонското небо се подготвува за раздвижено лето. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, најави дека од јуни се отвораат пет нови атрактивни авиодестинации кои ќе ги поврзат Скопје и Охрид со големите европски центри.

Според најавите, Охридскиот аеродром за првпат ќе добие линија до Виена преку „Austrian Airlines“, а се воведуваат и летови до полските градови Краков и Вроцлав преку „Wizz Air“. Скопскиот аеродром, пак, од јуни ќе биде поврзан со две медитерански дестинации – Палермо (Сицилија) и Алгеро (Сардинија).

„Овие пет линии отвораат одлични можности за туристички избор на граѓаните ова лето. Но, она што е уште позначајно е дека Скопје и Охрид ги позициониравме како стабилни точки на мапата на воздушниот сообраќај во време на глобална криза,“ изјави Николоски.

Се вчитува...

Министерот откри дека, и покрај тензиите на Блискиот Исток, Македонија е целосно енергетски обезбедена со авионско гориво и во моментов служи како снабдувачки центар за целиот регион.

„Имаме резерви на керозин за 90 дена, што е далеку над законскиот минимум. Благодарение на паметното планирање, од нашите аеродроми целосно се снабдува аеродромот во Приштина и делумно аеродромот во Ниш. Станавме центар за четири аеродроми. Гледаме како авиокомпаниите ги пуштаат авионите полупразни за да можат да слетаат кај нас, да наточат гориво и да продолжат понатаму,“ истакна вицепремиерот.

Николоски заклучи дека оваа стабилност е клучна за привлекување нови авиокомпании и гарантира дека воздушниот сообраќај во земјава ќе се одвива без никакви прекини и покрај регионалните предизвици.