Функционерите и носителите на јавни функции мора да имаат многу повисок праг на толеранција за критика кон нивната работа, но тоа не смее да се меша со говорот на омраза и заканите по живот, кои се казниви според Кривичниот законик. Ова го истакна Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ за време на нејзиното гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Говорејќи за неодамнешните заканувачки коментари упатени до премиерот на социјалните мрежи, Петковска потенцираше дека граѓаните имаат право на слобода на изразување и остара критика, но дека постои јасна законска граница.
Во емисијата се отвори и прашањето за рамноправноста пред законите, со оглед на различната пракса на Јавното обвинителство при постапувањето по слични пријави за закани кон различни политичари и граѓани.
Во разговорот беше посочен пример каде што пријава за закани и говор на омраза поднесена од друг партиски лидер била отфрлена од обвинителството со образложение дека коментарите биле дел од „агресивна или неурамнотежена политичка дебата“, додека во други случаи за функционери веднаш се покренуваат постапки.
Дополнително беа споменати и случаи на пријавени закани кои со години стојат непроцесирани во обвинителството.
Петковска потсети дека Уставот гарантира еднаквост на сите граѓани пред законот и дека институциите мора во пракса да го докажат тоа, без разлика дали се работи за висок државен функционер или за обичен граѓанин.
Таа појасни дека обвинителите мора да ја толкуваат Европската конвенција за човекови права и праксата на ЕСЧП, која дозволува пошироки лимити за критицизам кон политичарите. Сепак, нагласи дека секој облик на директна закана за безбедноста и животот на функционерите или нивните семејства претставува кривично дело кое мора да биде подложено на детална анализа и соодветно санкционирано.