Идната недела Собраниската комисија за избори и именувања се очекува да ја утврди листата на кандидати за нов државен обвинител. Досега се пријавени петмина кандидати, а меѓу нив се актуелни обвинителки, судија и еден поранешен осуден судија.
Кои се кандидатите?
- Анита Тополова-Исајловска: Актуелен в.д. државен обвинител со долгогодишно искуство. Таа во јавноста е позната по обидот за сопирање на предметот „Талир“ преку барање за заштита на законитоста, кое Врховниот суд го одби.
- Ленче Ристоска: Поранешна обвинителка на СЈО и актуелен претставник во Еуроџаст. Таа го водеше предметот за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, поради што беше мета на остри критики од владејачката партија, која ја спречи и нејзината кандидатура за судот во Стразбур.
- Лидија Раичевиќ: Обвинителка од Скопското обвинителство со искуство во организиран криминал. Ова е нејзин трет обид за функцијата, а во моментов го води случајот за злоупотреби со спортските ваучери.
- Ненад Савевски: Судија во Одделот за организиран криминал во Кривичниот суд. Тој е еден од ретките кандидати со завршена Академија за судии и јавни обвинители.
- Владимир Панчевски: Поранешниот претседател на Кривичниот суд, кој беше осуден за злоупотреби со АКМИС-системот. Иако има правосилна пресуда, во законските услови за државен обвинител не е експлицитно наведено дека кандидатот мора да биде неосудуван.
По комплетирањето на листата, Собранието ќе ги испрати документите до Владата, која пак ќе побара мислење од Советот на јавни обвинители пред да го достави конечниот предлог до пратениците.