Една од жените повредени при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад им подлегна на повредите, потврди директорката на Клиничкиот центар на Војводина, Весна Туркулов.
„Со жалење мораме да соопштиме дека денеска, 17 дена по трагичниот настан, почина уште една жртва. Се работи за девојката која беше најтешко повредена. И покрај сите напори на лекарите, дојде до смртен исход,“ изјави Туркулов, изразувајќи сочувство до семејството на починатата.
Во несреќата на 1 ноември загинаа 15 лица, а борбата за животите на преостанатите двајца повредени продолжува.
Трагедијата предизвика сериозни политички и правни последици. Премиерот Милош Вучевиќ најави нови оставки до крајот на неделата, барајќи од обвинителството да информира за текот на истрагата. Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, веќе поднесе оставка на 5 ноември.
Истрагата е во тек, а обвинителството во Нови Сад досега сослуша 71 лице во обид да ги утврди причините и одговорностите за трагедијата.
