Петровска: СДСМ не смее да го игнорира поразот, потребна е нова стратегија

Пратеничката Славјанка Петровска во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) оцени дека поразот на СДСМ на локалните избори е најголем во историјата на партијата и дека постојат многу причини за тоа. Таа нагласува дека резултатите не смее да се игнорираат и дека отсуството на дебата за претходните избори придонело за сегашниот пораз.

„Не смееме да го игнорираме овој пораз и да се надеваме дека времето ќе го избрише. Во партијата веќе се започнати консултации и дискусии помеѓу различни групи – пратеничката група, градоначалници, кандидати и раководството – за да се идентификуваат причините за резултатот. Ако треба да ги наведам сите причини, ќе ни требаше неколку часови, но во кратки црти можам да кажам дека неодговарањето на прашањата за претходните изборни резултати, вклучувајќи ги и локалните избори од 2021 година, придонесе за сегашната ситуација“, рече Петровска.

Таа посочи дека актуелниот партиски лидер, Венко Филипче, има сериозна задача да најде начин на кој СДСМ ќе излезе од оваа ситуација.

„Не можам да кажам дека ситуацијата е поволна или добра, поради две причини. Прво, СДСМ е партија со долгогодишно искуство и голем влог во државата, која е потребна на граѓаните, иако во минатото имало грешки. Второ, за да не се повторуваат сценаријата од минатото и да се заштитат интересите на државата, потребна е цврста програма или платформа за иднината“, додаде Петровска.

На прашањето дали Филипче треба да остане претседател на СДСМ, Петровска одговори дека функционирањето на партијата не зависи само од една личност, но дека е клучно СДСМ да излезе со тим кој знае како да ја врати партијата на победничката патека.