Пингвини парадираа во костими во пресрет на Кинеската Нова година

Во североисточната кинеска провинција Хејлонгјанг, во забавниот парк „Harbin Polarland“, се одржа парада во која пингвините беа облечени во кинески костими. Парадата, наречена „Adventure Penguin“, беше организирана по повод прославата на Кинеската Нова година.

Костимираните пингвини, облечени во црвени Танг одела, односно традиционална кинеска носија, со својата прошетка симболично го поздравија доаѓањето на новата лунарна година. Необичниот настан привлече голем број посетители, кои со воодушевување ја следеа дефилето на овие симпатични животни.

Парадата ја предводеа пингвините Тао Тао и Ле Ле, омилени кај посетителите. Нивното присуство дополнително ја збогати празничната атмосфера и веселието кое традиционално го придружува „Пролетниот фестивал“, како што уште се нарекува овој настан.

Црвената боја, која доминира во прославите и настаните по повод Кинеската Нова година, има посебно значење бидејќи симболизира среќа, благосостојба и благослов.

Танг оделата, кои најчесто се изработуваат во црвена, темносина, златна и црна боја, можат да бидат направени од различни материјали, зависно од намената и традицијата. Иако носат име по династијата Танг (618–907), овие одела всушност потекнуваат од доцниот период на династијата Ќинг (1644–1911).

Интересно е што името не потекнува од Кина, туку е изведено од израз кој се користи како синоним за кинески квартови во странство.