По денешниот протест вработените во Македонска пошта добија исплата на јануарската плата!

По денешниот протест на вработените во „Македонска пошта“, Синдикатот излезе со соопштение во кое информира дека проблемите со исплатата на јануарската плата се надминати и дека средствата веќе се исплатени на сите вработени.

„Како Синдикат, нашата цел е да ги заштитиме правата на вработените, но со јасна визија и преку ефикасен договор со кој ќе обезбедиме подобри услови за работа на работниците и работењето на АД ‘Пошта’“, стои во реакцијата. Од таму додаваат дека како организација даваат целосна поддршка на процесот на реформирање на претпријатието, вклучително и изработката на нова систематизација, со цел поштенската компанија да стане поконкурентна на пазарот.

Синдикатот наведува дека и во следниот период ќе остане фокусиран на обезбедување фер договор со менаџерскиот тим и на заштита на трудот на поштенските работници.

„Сметаме дека отворен дијалог со сите засегнати страни е единственото решение да ги оствариме правата на вработените во АД ‘Пошта’, а претпријатието да ја постигне својата цел како државен оператор во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај“, се вели во соопштението.

Утрово, вработените протестираа заедно со Сојузот на синдикати на Македонија, поради тоа што и покрај датумот 23 јануари платата сè уште не беше исплатена низ сите региони.