Неколку авиокомпании објавија дека ги прекинуваат летовите кон руските градови, во одлука донесена откако американски експерти оценија дека е можно соборувањето на авионот на Азербејџан ерлајнс да е предизвикано од руска противвоздушна ракета. Тоа го направија пред рускиот претседател Владимир Путин да му се извини на азербејџанскиот колега Илхам Алиев за „трагичниот инцидент“ со патничкиот авион.
Националната компанија на Туркменистан, Туркменистан ерлајнс соопшти дека летовите Ашкабад – Москва – Ашкабад на 30 и 31 декември се откажани, без да даде објаснување.
Компанијата Флајдубаи објави дека ги откажува летовите меѓу Дубаи и градовите на југот на Русија, Минерални Води и Сочи, закажани меѓу 27 декември и 3 јануари.
Казахстанската компанија Kazaq Air ги прекина летовите до Екатеринбург на Урал до крајот на јануари, објави Бета, повикувајќи се на АФП.
Тие ги следат чекорите на израелската компанија Ел Ал, која веќе во четвртокот објави дека ги прекинува летовите кон Русија на една недела поради ситуацијата „во рускиот воздушен простор“.
Авион Embraer 190 на Азербејџан ерлајнс во средата летал од главниот град на Азербејџан Баку кон рускиот град Грозни кога од неразјаснети причини бил пренасочен и се урнал додека се обидувал да слета во Актау, Казахстан, откако го прелетал Каспиското Море.