Македонија

По пет месеци без плата, се наоѓа решение за вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците

По пет месеци без плата, се наоѓа решение за вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека Владата, во координација со првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, остварила средба со директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи, како и со дел од вработените, со цел да се изнајде решение за исплата на заостанатите плати, кои вработените не ги примиле веќе пет месеци.

– Како резултат на конструктивниот дијалог и заложбата за институционална функционалност, донесена е одлука Инспекторатот за употреба на јазиците да премине под надлежност на Министерството за правда – соопшти премиерот Мицкоски.

Дополнително, се очекува наскоро да се усогласи Законот за Инспекторат за употреба на јазиците со Законот за организација и работа на органите на државната управа. Законот веќе е еден месец во собраниска процедура, а неговото усвојување ќе овозможи редовна исплата на платите.

– Бидејќи станува збор за прашање што се разгледува по Бадентер, очекуваме сите политички партии во Собранието да постапат рационално и без блокади, имајќи ја предвид егзистенцијата на семејствата на вработените – нагласи Мицкоски.

Најавена е и формирање работна група која ќе работи на целосна реорганизација на Инспекторатот и неговите надлежности.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни