По шест години, изградбата на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование продолжува

По долгогодишно чекање, изградбата на објектите за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје конечно продолжува. Министерството за образование и наука, УКИМ, Градежниот факултет и СОЗР денеска потпишаа меморандум за соработка кој предвидува институционална координација за понатамошно финализирање на овие клучни образовни објекти.

Изградбата започна во 2015 година, но заради финансиски и други проблеми беше прекината во 2019, оставувајќи ги објектите недовршени. Министерката за образование, Весна Јаневска, истакна дека изминатиот период не се реализирани никакви теренски активности, дозволата за градба е истечена, а дел од законските регулативи се изменети, што ја отежнало ситуацијата.

„Создаваме работна група која ќе ги разгледа сите аспекти на проектите, ќе направи увид во состојбата на објектите и ќе дефинира модел за продолжување на изградбата“, изјави Јаневска.

Меморандумот, кој не предвидува директно финансирање, ќе овозможи експертска поддршка од академската заедница, а Градежниот факултет ќе ја води работната група. Во процесот ќе се вклучат и други факултети и институти од УКИМ, како Архитектонскиот, ИЗИИС, Електрофакултетот и Машинскиот факултет, со цел максимално искористување на академскиот потенцијал.

Во моментов, проектите се застарени и ќе биде потребно да се направи нова јавна набавка за изработка на современи проекти. Потоа ќе се избере најповолен изведувач, а не е утврдено дали изградбата ќе се реализира паралелно за двата објекта или поединечно.

Проектирана вредност на ФИНКИ: 784 милиони денари
Реализирани: Околу 40% (310 милиони денари)

Проектирана вредност на Факултетот за физичка култура: 432 милиони денари
Реализирани: 16,9% (73 милиони денари)

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, нагласи дека овие објекти се клучни за обезбедување достоинствени услови за студентите и наставниот кадар. ФИНКИ има над 5.000 студенти, кои моментално функционираат во привремени простории, додека Факултетот за физичка култура работи во неподобни услови.

„Ова не е само инфраструктурен проект, туку инвестиција во квалитетот на образованието и во подобрувањето на условите за сите кои се дел од овие факултети“, изјави Ангелова.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното