Камерленго или коморник функционира како „привремен“ поглавар и одговорен е за управување со црквата до изборот на нов папа, но со значително намалени овластувања.
Обврската за секојдневно управување со Светата Столица по смртта на папа Франциск ја презел ирскиот кардинал Кевин Фарел (77), префект на Дикатеријата за лаиците, семејството и животот, кој беше именуван за камерленго во 2019 година.
По смртта на папата, сите највисоки официјални лица на црковната „влада“, односно Римската курија, мора да поднесат оставки на своите позиции. Камерленго е единствениот кој останува на должност, со цел да управува со секојдневните работи на црквата.
Терминот „камерленго“ потекнува од италијанскиот збор „камерa“, што значи соба. Тој е одговорен за управување со Ватикан, но не може да донесе никаква одлука која би имала важност над периодот на празниот стол на Свети Петар или која би се мешала во исклучителните привилегии на папата, како што е именувањето кардинали.
Камерленго или коморник на Светиот Кардиналски збор е одговорен за објавување на веста за смртта на папата. До папа Пије XII, кој почина во 1958 година, смртта на поглаварот на католичката црква се потврдувала со удар со мал сребрен чекан по неговото чело, за да се увери дека тој навистина е мртов.
Коморникот симболично и привремено ги презема папините поседи, Апостолската палата во Ватикан, Латеранската палата, седиштето на Римската бискупија, каде традиционално Папата е бискуп, како и летната папска резиденција во Кастел Гандолфо.
Тој ги свикува состаноците на кардиналите, наречени „конгрегации“, и заедно со нив одлучува за денот и времето на изложување на посмртните останки на починатиот папа, како и за датумот на неговата погребна церемонија, која мора да се одржи помеѓу четири и шест дена по смртта. Со тоа се определува и датумот за почеток на конклавата, која ќе избира нов папа.
Погребот мора да се одржи во Базиликата Свети Петар, освен ако со тестамент не е определено поинаку. Тоа го направи и папа Франциск, кој во својот тестамент изрази желба да биде погребан во Базиликата Света Марија Голема во Рим, а не во Ватикан.
Папа Франциск сакаше да ја поедностави својата погребна церемонија и за себе планираше побрза обредна церемонија и погреб во едноставен ковчег во гола земја.
Тој ќе биде погребан в сабота, 26 април. Папа Франциск почина од последици на мозочен удар на Велигденски понеделник, 21 април.