По три години застој, одржана првата седница на Координативното тело на градоначалници на Скопје

По повеќе од три години пауза, денес во Град Скопје се одржа првата седница на Координативното тело на градоначалници, информираше скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи. Тој истакна дека повторното активирање на ова тело претставува „нов почеток“ во координацијата меѓу сите скопски општини.

Според Ѓорѓиевски, преку редовни координации, градоначалниците ќе го креираат буџетот заедно, ќе решаваат наталожени проблеми и ќе спречуваат нови, со цел реализирање проекти што ќе донесат придобивки за сите жители на Скопје.

Градоначалникот ја информираше јавноста и за, како што рече, критично тешката финансиска состојба што ја затекнал при преземањето на функцијата, како и за нефункционалноста на дел од јавните претпријатија. Но, посочи дека за две недели работа, ситуацијата веќе е ставена под контрола.

Ѓорѓиевски наведе дека се исчистени дивите депонии на повеќе локации низ градот, дека јавните претпријатија се консолидирани и дека на вработените им се исплатени платите и придонесите што со месеци доцнеле. „Градот полека застанува на нозе“, истакна тој.

Во тек се и тендерски постапки за неколку значајни инфраструктурни проекти, меѓу кои проектот во Лимак, кружниот тек во Ѓорче Петров, стабилизација на водниот притисок во високите зони, како и нови иницијативи за подобрување на секојдневието на граѓаните.

Посебно го издвојува проектот за нов Луна парк, за кој, како што вели, конечно ќе започне постапката, со цел по децении чекање, децата во Скопје да добијат современо место за забава.

Паралелно, започнува и акција за отстранување на времените објекти што го узурпираат јавниот простор, со обврска тротоарите да бидат враќани на пешаците, а не да служат како паркинг.

„Следува многу работа, многу труд и проекти во секој дел од градот. Доаѓа време кога ‘подобро’ е нешто што реално ќе го живееме“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека верува оти најдоброто за Скопје допрва следува.