Авионот на „Етиопијан ерлајнс“ од типот „Боинг 737 макс 8“ кој вчера се урна по полетувањето од Адис Абеба, придонесе Кина и Етиопија да го вклучат „црвениот аларм“ и да ги повлечат сите авиони од истиот тип.
Според првите информации урнатиот авион имал проблеми, откако пилотот побарал дозвола за враќање на аеродромот и што му било одобрено.
Експертите соопштуваат дека е рано да се каже вистинската причина за несреќа која се случи пет месеци по падот на уште еден авион од типот „Боинг 737 макс 8“. Во октомври авионот на индонезиската компанија „Лајон ер“ почнал да губи висина набргу по полетувањето и падна во море, при што загинаа 189 луѓе.
„Имајќи ги предвид сличностите на двата инциденти, во коишто учествуваа новоиспорачаните авиони ‘боинг 737 макс 8‘, донесовме одлука да ги суспендираме сите авиони од овој тип“, соопшти Кинеската агенција за цивилен воздушен сообраќај.