75-годишна жена од Скопје почина на Клиниката за инфективни болести поради компликации предизвикани од вирусот на сезонски грип. Како што информираат од клиниката, пациентката имала повеќе хронични болести и не била вакцинирана против грип.
Директорот на Инфективната клиника, д-р Фадил Цана, потврди дека кај починатата лабораториски била утврдена инфлуенца А.
„Станува збор за пациентка на возраст од 75 години, со инфлуенца А и со значителни коморбидитети,“ изјави Цана.
Во клиниката моментално се лекуваат уште двајца пациенти во критична состојба, кои се приклучени на респиратори, додека неколку други се на кислородна поддршка. Вкупниот број на хоспитализирани пациенти изнесува 25 и најчесто се работи за лица од повозрасните категории.
„Кај сите нив се забележани компликации на грипот, најмногу со респираторно засегање,“ додаде директорот.
Според Институтот за јавно здравје, во првата недела од годинава низ државата се регистрирани 1.725 нови случаи на грип, што е зголемување во однос на претходниот период.
