Почина девојката Адалија Роуз Вилијамс која имаше само 15 години и се прослави на Интернет поради необичното генетско пореметување кое го имаше. Мајката на Адалија потврдила дека девојчето од Тексас починало во средата навечер.
Адалија имала прогерија, ретко генетско нарушување кое води до ненадејно, забрзано и предвремено стареење. Иако имала само 15 години, изгледала како да е во старост.
Дијагнозата на нарушувањето чие полно име е Хачинсон-Гилфорд прогерија синдром е поставена кога Адалија имала само три месеци. Предизвикува предвремено стареење, бавен раст, опаѓање на косата, а предвидениот животен век на децата кои ја добиваат оваа дијагноза е само 12-13 години. Неколку стотици деца низ планетата страдаат од ова нарушување.
Малата Адалија реши да не се крие само затоа што изгледа поинаку од своите врсници, па стана ѕвезда на YouTube. Нејзиниот канал, на кој објавуваше снимки од танцување, шминка и други тинејџерски активности, имаше повеќе од 339 милиони прегледи.
„Таа допре милиони луѓе, и остави неизбришлива трага во срцето на секој од нив. Веќе ништо не ја боли, а сега танцува на музиката што ја обожавала“, стои на нејзината Фејсбук страница.
Погледнете еден од нејзините клипови.
