Во Кернен им Ремстал, недалеку од Штутгарт, почина Карл Хајдле, 110-годишник за кого се верува дека бил најстариот маж во Германија.
Карл Хајдле, роден на 2 септември 1915 година, мирно починал во саботата навечер, соопшти неговото семејство. Тој го проживеал целото бурно 20. столетие – од царска Германија, преку нацизмот и двата светски војни, па сè до Студената војна, падот на Берлинскиот ѕид и доаѓањето на дигиталната ера.
Се школувал за механичар и служел во Втората светска војна, а во 1948 година се вратил во својот роден град Штeтен – денес дел од Кернен. Таму ја презел работата на своите родители и му се посветил на семејството и земјоделството.
Останал витален и активен до длабока старост. Дури и на стота година сè уште работел во својот лозје, секојдневно интересирајќи се за сè што се случува во неговата заедница и во светот.
„Неговата енергија, скромност и хумор ќе останат во сеќавањето на многумина“, стои во соопштението на општината. „Во својот долг живот видел и поднел многу – без огорченост, но со голема почит кон животот. За многумина од нас беше пример за мудрост и почит“, изјавил во некрологот градоначалникот на Кернен, Бенедикт Паулович.
Томас Брајнинг од Универзитетската болница во Улм, кој работи за Групата за геронтолошки истражувања, потврдил дека Хајдле бил најстариот маж во Германија. Таа меѓународна институција ја проверува возраста на „суперстогодишниците“ – луѓе кои имаат 110 или повеќе години. Според податоците на групата, најстарата жена родена во Германија е 113-годишната Илзе Мајнгаст, која живее во Соединетите Американски Држави.