Поранешниот романски претседател Јон Илиеску почина на 95-годишна возраст, соопшти владината прес-служба.
Илиеску боледуваше од рак на белите дробови и помина два месеци во болница во Букурешт. Политичарот почина денес во болница, според објавените информации.
Јон Илиеску беше првиот претседател на Романија избран по Револуцијата во 1989 година, со која беше соборен режимот на Николае Чаушеску. Тој беше три мандати како шеф на државата – од 22 декември 1989 до 1992 година, потоа од 1992 до 1996 година и помеѓу 2000 и 2004 година.
Тој беше обвинет за злосторства против човештвото во случај поврзан со антикомунистичката револуција од 1989 година. Илиеску беше обвинет и во случај поврзан со штрајковите на рударите во 1990 година, исто така по обвинение за злосторства против човештвото. Поради неговата напредна возраст и здравје, обвинителите земаа изјави во неговиот дом.
Тој ретко се појавуваше во јавноста во последните години, но објавуваше пораки на својот блог. Последниот беше на 19 мај, кога му честиташе на Нишор Дану за неговиот избор за претседател на Романија.