Со голема тага академската заедница ја прими веста за смртта на професорот Владимир Ортаковски – еден од најистакнатите македонски научници во областа на меѓународното право, дипломатијата и безбедноста.
Во објава на социјалните мрежи, професорката Фросина Ременски се прости од својот долгогодишен ментор и колега, опишувајќи го како „врвен истражувач, научник, претпоставен, но пред сè човек со огромно хумано срце – најголем пријател на децата“.
„Професорот Ортаковски беше светски докажан научник во областа на меѓународното право и хуманитарното право, добитник на бројни државни и меѓународни признанија. Со својот докторат остави трајна вредност преку истражувањето на израелско-палестинскиот конфликт, правата на националните малцинства и други теми од глобално значење“, напиша Ременски.
Таа потсети дека Ортаковски во текот на својот професионален живот несебично се грижел за најмладите, преку отворање центри за грижа на децата во Шуто Оризари и пошироко, како и преку постојана поддршка за заштита на правата на детето.
„Мојот Факултет за безбедност – Скопје, го има Професорот Ортаковски за свој заштитник и основач. Тој се вгради во неговото создавање кога беше најтешко и најпотребно. Ќе го паметиме како мост преку кој поминаа генерации студенти што учеа од еден од најдобрите“, напиша Ременски, додавајќи дека ја имала честа да биде негов асистент во периодот од 2004 до 2008 година.
Професорот Владимир Ортаковски ќе остане запаметен како човек кој ја обедини науката, етиката и хуманоста, оставајќи зад себе длабока трага во образованието и општеството.