Вкупно 438.042 овци и кози, распоредени во 3.417 стада, треба да бидат опфатени со кампањата за вакцинација против болеста сипаници, која започна во осум региони во земјава. Вакцините се обезбедени преку донација од Европската Унија, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Активностите ќе се реализираат во три фази. Во првата фаза, вакцинацијата ќе се спроведува во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот Регион. Во овие региони се регистрирани 1.859 стада со вкупно 193.527 животни.
Втората фаза ќе ги опфати Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот Регион, каде што се евидентирани 1.558 стада со 244.515 овци и кози.
По завршувањето на првите две фази, предвидена е и дополнителна вакцинација. Таа ќе биде наменета за животните што од различни причини не биле опфатени во претходните фази, како и за младите грла што дополнително ќе ја достигнат возраста потребна за имунизација.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство нагласуваат дека вакцинацијата претставува важна превентивна мерка за спречување на ширењето на болеста и намалување на ризикот од нејзино повторно појавување.