Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судењето против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според обвинението, на Димитровска ѝ се става на товар оддавање службена тајна на екс-директорот на ТЕЦ Неготино и обвинет во случајот „Адитив“, Небојша Стојановиќ, како и добивање на безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации откако ревизорот Миле Столевски го положил испитот во нејзино име.
Одбраната на Димитровска, преку адвокатот Владимир Туфегчиќ, оцени дека тестот не бил клучен за добивање на сертификат за државна тајна и предложи да сведочат претставници на АНБ и од ДКСК. „Очекувам ослободителна пресуда за Димитровска. Доставивме докази од Антикорупциска, извештај од 30 јули 2025 година, кои го дискредитираат обвинението против неа“, рече Туфегчиќ.
Обвинителката од ОЈО ГОКК, Наташа Поп Трајкова, истакна дека од телефонот на Димитровска се екстрахирани околу 250 илјади записи, а анализата на податоците е при крај. „Паралелно со анализата на податоците, обвинителството презема и други дејствија согласно закон, како прибавување информации од надлежни институции и сослушување на сведоци“, додаде Поп Трајкова.
Во случајот ќе се суди и на раководителката од ТЕЦ Неготино, Билјана Петровска Мантева, и ревизорот Миле Столевски, додека постапката за Борче Најдов ќе продолжи во рамки на случајот „Адитив“. Судот го одби предлогот обвинението да се спои со тој предмет за другите обвинети.
Татјана Димитровска стана дел од проширената истрага за случајот „Адитив“ во април годинава, а во јули беше обвинета и за уште едно кривично дело – добивање сертификат за положен испит. Димитровска поднесе оставка од функцијата кон крајот на јули 2025 година.
Читај и ова:
- 1.Опсадна состојба во Минхен! Се слушаат експлозии и истрели: Најмалку едно лице е убиено, има повредени
- 2.ВИДЕО Падна првиот снег во регионот – се прогнозираат врнежи од 25 до 50 сантиметри снег
- 3.Месечен хороскоп за октомври 2025 година
- 4.Халид Бешлиќ се бори за живот во Сараево
- 5.Посебен режим на сообраќај утрово во Скопје поради одржување на протест