Македонија

Почна судењето за деветмината полицајци поврзани со случајот „Пулс“, сите се изјаснија за невини

Почна судењето за деветмината полицајци поврзани со случајот „Пулс“, сите се изјаснија за невини

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска започна судскиот процес против девет полициски службеници кои се опфатени со една од истрагите поврзани со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На првото рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото што им се става на товар – злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинението ги опфаќа Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Влатко Наумов, Гоце Ристов, Боби Гидиоски и Гоце Иванов.

Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, полициските службеници со своите постапки и дадени позитивни мислења придонеле дискотеката „Пулс“ да добие лиценци за работа во 2022 и 2023 година.

Обвинителството тврди дека тие не постапиле соодветно по пријавите и поплаките за нарушување на јавниот ред и мир, а дале и согласности во делот на сообраќајните услови, иако објектот не располагал со доволен број паркинг-места.

Судската постапка ја води судијката Ленка Давиткова, а следното рочиште во овој предмет е закажано за 29 јуни.

Станува збор за еден од неколкуте судски процеси што произлегуваат од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, која е предмет на повеќе истраги и обвиненија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни