Почнува надградбата на преминот Евзони – мерки за намалување на гужвите на границата со Грција

Грција ќе започне со итна надградба на граничниот премин Евзони, со цел забрзување на процедурите за контрола и значително намалување на чекањето при влез и излез од земјата. Ова било договорено на состанок свикан од заменик-министерот за внатрешни работи задолжен за регионот Македонија-Тракија, Константинос Јулекас, и секретарот на децентрализираната администрација на истиот регион, Јоанис Савас.

Надградбата е дел од поширок план за модернизација на копнените гранични премини на Грција, меѓу кои и Евзони, кој особено во летните месеци се соочува со долгометражни колони. Минатото лето, времето на чекање на преминот Богородица-Евзони достигнуваше и до пет часа.

Според грчкото МВР, надградбата ќе се реализира на две нивоа:

Прво, зголемување на бројот на гранични службеници за побрза обработка на документи.

Второ, целосно реновирање на инфраструктурата, што ќе биде завршено до 2026 година, со цел модернизација и функционално унапредување на преминот.

„Преземаме конкретни чекори за решавање на гужвите, особено во лето. Работиме и на подобрување на информациските системи за побрза пасошка и царинска контрола. Целта е граѓаните и туристите да ја видат вистинската слика на една европска држава“, изјави заменик-министерот Јулекас по состанокот.

Секретарот Савас информира дека веќе е подготвена студија за модернизација, која е доставена до релевантните институции и наскоро ќе следуваат наредните чекори. „Целта е ова лето да се справиме со сообраќајниот притисок во подобри услови“, додаде тој.

Само во 2024 година, на Евзони биле обработени околу 5 милиони пасоши, а над еден милион само во првите четири месеци од годината.

На состанокот присуствувале и високи претставници од грчкото Министерство за внатрешни работи, општински и регионални власти, како и полицијата на централна Македонија.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веќе најави дека модернизацијата ќе започне од преминот Кипи кон Турција, а ќе продолжи со сите главни копнени гранични премини, вклучително и Евзони, Какавија, Кристалопиги и Лемос. „Нивната сегашна состојба не е достојна за земја-членка на ЕУ. Новите инвестиции ќе придонесат за економски и туристички раст на северна Грција“, истакна Мицотакис.

И од македонска страна постои интерес за ова прашање. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во јануари најави реконструкција на граничните премини Богородица, Дојран и Меџитлија, со цел тие да станат пофункционални и поефикасни за граѓаните и туристите.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното