Свет

Почнуваат нови преговори меѓу Израел и Либан

Почнуваат нови преговори меѓу Израел и Либан

Либан денеска во Вашингтон го започнува новиот круг преговори со Израел, а Бејрут е решен да продолжи со директните разговори, иако нивното значење делумно е намалено по одлуката на Иран да го вклучи Либан во сопствените преговори со САД.

Либанските власти инсистираат дека разговорите лице в лице со Израел се единствениот начин да се обезбеди крај на војната која трае од 2 март, кога вооружената група Хезболах отвори оган кон Израел во знак на поддршка на Иран. Тоа доведе до израелски воздушни и копнени напади во кои досега во Либан загинаа повеќе од 4.000 луѓе.

Сепак, четири рунди либанско-израелски преговори од април досега не донесоа траен прекин на огнот. Најдолгото затишје во борбите се случи оваа недела, откако Иран и САД постигнаа меморандум за разбирање со кој е предвидено прекинување на борбите на сите фронтови, вклучително и во Либан.

Овој договор го охрабри Хезболах, групата поддржана од Иран, а воедно нанесе удар врз либанската држава, чии лидери, вклучително и претседателот Џозеф Аун, повеќепати предупредуваа дека Техеран не може да преговара во име на Либан.

„Либан остана без цврста позиција“

Либански функционер и двајца странски претставници кои работат со Либан изјавиле за „Ројтерс“ дека договорот меѓу Иран и САД ја оставил либанската држава во најслаба позиција досега и ја довел во прашање корисноста од нејзините разговори со Израел оваа недела.

Либанскиот претставник изразил скептицизам дека од тридневните преговори ќе произлезе некаков конкретен напредок.

„Основниот проблем останува недостигот на доверба меѓу нас и Израелците во овие разговори. Ние не можеме да ги исполниме нивните барања, а тие ги одбиваат сите наши“, изјавил тој.

Либан ќе бара рок за повлекување на израелските сили

Либан соопшти дека една од главните цели во разговорите ќе биде обезбедување повлекување на израелската армија, но високи израелски претставници изјавиле дека нивните сили ќе останат во јужен Либан до понатаму.

Либански претставник рекол дека Бејрут ќе побара од Израел на разговорите да претстави „разумен“ временски план за повлекување.

„Ова е единствената можност што ја имаме за да создадеме напредок во овие разговори и во ова надмудрување со Иран“, рекол претставникот.

Од друга страна, Израел ја гледа целта на претстојните разговори како „разоружување на Хезболах и постигнување вистински мировен договор“ со Либан, според изјавата на портпаролот на израелската влада, Дејвид Менсер.

Менсер рекол дека единствената пречка за договор со Либан е Хезболах.

„Затоа веруваме дека тие треба да бидат разоружани и распуштени“, додал тој.

Хезболах одбива разоружување

Либанската влада од 2025 година внимателно се обидува да го разоружа Хезболах без директна конфронтација со групата, стравувајќи дека тоа би можело да предизвика граѓански конфликт.

Хезболах целосно го отфрла разоружувањето и ја повика либанската влада да се повлече од директните разговори со Израел.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни