Под лупа комуникациите: Стотици следења, малку инвестиции во системот

Во текот на 2025 година, вкупно 259 телефонски комуникации биле предмет на следење, покажува извештајот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), презентиран пред собраниската комисија за надзор.

Најголем корисник на мерките за следење било Министерството за внатрешни работи, кое побарало примена во 182 случаи, додека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција користело вакви мерки во 22 предмети. Останатиот дел од бројката се однесува на секторите за безбедност и одбрана, за кои, согласно законските ограничувања, не се објавуваат детални податоци.

Директорката на ОТА, Јаничевска, посочи дека покрај редовните контроли врз телекомуникациските оператори, се спроведуваат и внатрешни надзори со цел да се спречи евентуална злоупотреба на системот за следење.

Финансиските податоци, пак, покажуваат значителен неискористен потенцијал. Иако агенцијата во 2025 година располагала со буџет од 204 милиони денари, реализирани биле само 41 процент од средствата. Најголем дел од потрошените пари биле наменети за тековни трошоци и плати, додека само околу 5 проценти биле инвестирани во нова опрема и модернизација.

Како клучни предизвици за наредниот период се издвојуваат недостигот од стручен кадар и потребата од прилагодување на законската рамка. Според Јаничевска, ОТА мора да се модернизира и да го следи брзиот технолошки развој за да остане ефикасна и безбедна.

По разгледувањето во матичната комисија, извештајот треба да се најде и на пленарна седница, каде пратениците ќе треба да дадат конечна оценка за работата на агенцијата.