Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе обвиненија против шест лица за повеќе дејствија во рамки на продолжени кривични дела: фалсификување исправа по член 378, злоупотреба на лични податоци по член 149 и компјутерска измама по член 251-б од Кривичниот законик. Воедно, против вкупно триесет и три лица до надлежниот суд е поднесен предлог за издавање казнен налог за кривично дело компјутерска измама по член 251-б став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Според наводите во обвинението, осомничените со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, користејќи ист траен однос воспоставен меѓу нив за извршување на делото, исти прилики за користење електронска апликација и други слични околности, меѓу кои и невработеноста на лица што дале особен придонес за сторување на делото.
Во информатичките системи на повеќе оштетени финансиски друштва тие внесувале невистинити податоци, за кои знаеле дека не се точни и дека се прибавени со дејствија што претставуваат други кривични дела, при што предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и пренос на податоци од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Во извршувањето на делото им помагал едно службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, кое им ставило на располагање средства, односно број на ЕЗБО што претходно го обезбедило преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот.
Осомничените користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетени физички лица, повлекувајќи брзи кредити на нивно име, со намера секој од нив да прибави противправна имотна корист.
Четворица од обвинетите, во периодот од февруари 2023 година до јуни 2024 година, прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2.509.808 денари, што претставува значителна вредност. Останатите, во текот на 2022 и 2023 година, со поединечни дејствија прибавиле дополнителна противправна имотна корист во вкупен износ од 659.500 денари.
За четири лица опфатени со истражната постапка јавниот обвинител донесе решение за запирање на истрагата: за двајца не беа обезбедени докази за нивно учество, а двајца починаа. Постапката за останатите продолжува пред надлежниот суд.