Јеменските Хути ја презедоа одговорноста за балистичкиот напад извршен синоќа, тврдејќи дека цел биле аеродромот Бен Гурион во Тел Авив.
Според нивните изјави, проектилот успешно ја погодил целта и покрај израелската противвоздушна одбрана, предизвикувајќи жртви и прекинувајќи ги летовите на аеродромот, објави Тајмс оф Израел. Тие, исто така, пријавија напад со дрон врз „витална цел“ во областа Тел Авив.
Меѓутоа, израелската армија не потврди дека во текот на изминатиот ден имало напади со беспилотни летала од Јемен.
Хутите дополнително изјавија дека со беспилотни летала нападнале товарен брод во Арапското Море.
Да потсетиме дека еден ден претходно, Израел целеше воени цели на Хутите во Јемен, како одговор на повеќекратните напади на бунтовничката група.