Политички говор на Ципрас во Солун: „Левицата не ја пронајде, туку ја спаси грчка Македонија“

Голем дел од 50 минутниот говор на политичкиот собир во Солун, организиран од СИРИЗА, премиерот на Грција Алексис Ципрас го посвети на Договорот од Преспа. Тој рече дека левицата не ја продала Македонија, туку го спасила културното и историското наследство на грчка Македонија.

Тој обвини дека токму на сметка на овој проблем, некои политичари направиле кариери, претставувајќи се како лажни патриоти, додавајќи дека имало и такви кои се обидувале со сите сили да го „минираат“ процесот за пронаоѓање на конечно решение. Ципрас вели дека решението е пронајдено во корист на Грција, за доброто на Балканот, мирот и развојот на целиот регион.

Се вчитува...

„Ѓраѓани на Солун, но и вие кои не гледате од ТВ приемниците, Македонки и Македонци, сега е часот на националната логика, но и на националната чувствителност. Затоа што Договорот од Преспа става конечен крај на фалсификувањето на нашата историја. Го затвора конечно и неповратно провоцирачкото присвојување на античката грчка Македонија. Ја затвора конечно и неповратно парадоксалноста на иредентизмот од поранешната југословенска Република Македонија, на јасен начин, што секако оттука па натаму ќе се впечати и во Уставот на соседната земја“, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Ципрас порача дека соседната земја кога ќе ги заврши обврските во целост, одредени од договорот, тогаш ќе се интегрира во меѓународните организации и на глобално ниво ќе биде признаена под новото име.

„Патриотизам е да ја сакаш твојата татковина и да се жртвуваш за неа, а не да ги мразиш другите татковини“, додаде Ципрас.

За време на говорот на Ципрас, еден човек застана и ја пееше песната “Славна Македонија”, но Сириза истата ја смета за шовинистичка и приврзаниците на владеачката партија го отстранија лицето.

Ципрас искоментира дека демократскиот капацитет на неговата партија дозволува присуство и на граѓани со кои идеолошки не се поврзани. Во говорот воедно порача дека нема да дозволат Солун да стане град на екстремната десница и омразата, бидејќи Солун, Македонија и Грција тоа не го посакуваат.

Репортер: ТВ21

Извор: ТВ21