Некористењето на „бомбите“ како доказ, ја става под знак прашалник поддршката на албанската опозиција за новиот закон за СЈО. Пратеникот на Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди, вели дека не може да го поддржи актуелниот предлог-закон, бидејќи како што тврди претставува политички пазар на владејачката коалиција во пресрет на претседателските избори. Рашиди најави интервенција во Членот 105 кој се однесува на ингеренциите на СЈО за прашања кои не се процесирани до 30 јуни 2017 година.
„Доколку се земе предвид фактот дека слушнавме сешто од прислушуваните материјали наречени „бомби“, доколку се земе предвид дека високи функционери на ДУИ се споменуваат во тие бомби и самиот факт дека до 30-ти јуни немаме ниту еден предмет поврзан за овие лица, се докажува дека станува збор за пазар. Самиот факт што еден толку сериозен закон се става во забрзана постапка, сведочи за договорот – ова по секоја цена да заврши пред претседателските избори“, изјави Сурија Рашиди – Алијанса за Албанците.
Од предлог-законот за СЈО, незадоволна и опозициската Беса. Со него не се очекува подобрување, туку влошување на правниот систем, уште повеќе сега кога „бомбите“ не можат да се користат како докази, вели пратеникот Фадиљ Зендели.
„Како што ми изгледа повторно политиката надвладеа над институциите за правда. Ние како политички субјект ќе ја следиме дебатата. Беа најавени и тркалезни маси околу ова прашање, на кои ќе ги искажеме нашите ставови – дека не сме задоволни со она што го стори СЈО, не сме задоволни што имаше селективен пристап при делењето на правда и дека со ова што се случува не им се нуди ништо на граѓаните, не му се нуди ништо на правниот систем, туку едноставно може да биде, да не речам измама,туку институционално движење, само за да се прикрие работата на СЈО“, изјави Фадиљ Зендели – пратеник на движењето Беса.
Се обидовме да го дознаеме и ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но нивниот координатор Никола Мицевски, во телефонски разговор рече дека не сака да коментира ништо пред средбата меѓу Заев и Мицкоски, која се очекува да се одржи викендов. Став нема ниту од независната група од 8 пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што вели пратеничката Нола Исмаиловска-Старова, сѐ уште не го виделе предлог-законот, поради другите обврски што ги имаат во Собранието.
За да помине новиот закон за СЈО, потребни се 80 гласа, но се чини дека оваа бројка тешко ќе се обезбеди. Премиерот Зоран Заев, изјави дека сега за сега само 68 пратеници од мнозинството го поддржуваат предлог-законот. Од почетокот на наредната недела министерката за правда, Рената Дескоска би требало да започне со средбите со опозициските претставници за да ги убеди да го поддржат предлог-законот, со кој СЈО ќе се инкорпорира во редовното Обвинителство, но со финансиска независност.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ