Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по остварувањето на своето избирачко право порача дека изборниот процес се одвива мирно и достоинствено.
„Од информациите со кои располагам, можам да кажам дека денот поминува мирно и достоинствено, онака како што се очекува. Очекувам денеска така и да заврши, а со резултатите да прогласиме уште една голема историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека граѓаните, според него, јасно можат да направат разлика меѓу минатото и иднината што ја нуди неговата партија.
„Македонија заслужува подобро и очекувам денеска таков да биде изборот на граѓаните“, порача Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по гласањето изјави дека очекува мирен изборен ден и фер избори.
„Посакувам мирни и фер избори. Ги повикувам граѓаните да излезат во што поголем број, бидејќи е многу важно избраните градоначалници и советници да добијат легитимитет од што повеќе гласачи. Тоа е наше право, но и обврска“, рече Филипче, додавајќи дека е задоволен од текот на кампањата и дека верува оти граѓаните ќе одлучат врз основа на објективни параметри.