Полицијата им одзела три коли па 300 граѓани со оган протестираат на патот Ресен-Битола

Група граѓани денеска попладне го блокираа сообраќајот на патниот правец Битола–Ресен, предизвикувајќи прекин на движењето на возилата во двата правци. Околу 300 лица во 16:30 часот го затворија патот А-3 кај местото познато како Ромска населба.

Протестот се одвива со поставување и палење гуми на коловозот, што ја оневозможува нормалната сообраќајна комуникација. Причината за протестот според досегашните информации е тоа што полицијата им одзела три возила.

Возачите се принудени да користат алтернативни патни правци додека трае блокадата.

На местото на настанот се присутни полициски екипи кои го регулираат сообраќајот и се грижат за безбедноста на учесниците и останатите граѓани.