Полицијата презема засилени безбедносни мерки во пресрет на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев

По повод 151-годишнина од раѓањето на Гоце Делчев за в сабота е најавено повеќе делегации да положат цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Во пресрет на чествувањето на годишнината, кое е оквалификувано како настан од висок ризик, видливо е засилено полициско обезбедување околу црквата „Свети Спас“, со цел да се избегнат евентуални инциденти по најавите на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ за „организирање херојска стража и целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев“ и можното пристигнување на организирани групи од Бугарија.

Поради чествувањето, СВР – Скопје најави дека од денеска во 18 часот презема засилени активности и мерки за подигнување на безбедноста околу црквата „Свети Спас“, како и воведување на посебен режим на сообраќајот во тој реон.

За таа цел за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улица „Прохор Пчински“. Дополнително посебен режим на сообраќај в сабота ќе биде воведен на улицата „Лазар Личеноски“.

СВР – Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот, со цел осигурување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Според најавите, почит на великанот на македонската револуционерна борба ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и претставници на повеќе други институции и политички партии. Засега нема најави дека на чествувањето ќе присуствуваат високи официјални државни претставници од Бугарија.

Премиерот Димитар Ковачевски уште минатата недела изјави дека Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите мерки согласно законите и Уставот, чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев да мине на достоинствен и мирен начин и дека ќе биде гарантирана безбедноста на сите граѓани во државата. Во тој правец Ковачевски во петокот имаше и телефонски разговор со неговиот бугарски колега Галаб Донев, на кој двајцата премиери се заложија за мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Делчев.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати апел за достоинствено чествување на годишнината, порачувајќи дека секој поединец ја носи својата лична одговорност за заедничката безбедност и за демократско однесување. Тој нагласи дека македонската полиција е целосно подготвена да обезбеди услови за достоинствено чествување на годишнината без никакви нарушувања на јавниот ред и мир и дека има капацитети да ја задржи безбедноста, мирот и спокојот на граѓаните.

– Граѓаните воопшто не треба да се грижат дека ќе бидат преземени сите мерки за достоинствено чествување, без никакво нарушување на јавниот ред и мир. Оваа држава има свои институции кои што се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир. На основа на проценките, ќе биде активиран план кој ќе придонесе за мирно чествување. Присуството на полицијата треба да биде на наше задоволство дека ќе се осигура мирно и достоинствено чествување, а не да се вознемируваме дека има присуство на полицајци. Тие се тие коишто нѐ штитат и ни создаваат атмосфера во којашто сите ние безбедно живееме и работиме, нагласи министерот Спасовски во разговор во утринската програма „Македонија наутро“ на националниот јавен сервис.

Во пресрет на годишнината во понеделникот во земјава престојуваше бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев на средба со неговиот македонски колега Спасовски, по која двајцата порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев и дека полицијата ги презема сите потребни мерки.

– Во услови на малку зголемени тензии, различни најави за нарушување на јавниот ред и мир, сакаме да упатиме јасна порака дека нема да биде дозволен никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев, изјави министерот Спасовски.

Министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев денеска од Скопје порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето на годишн

Демерџиев, пак, најави дека нема да се дозволи да бидат предизвикаат какви било провокации или да дојде до несакани настани. – Да не дозволиме некои луѓе да се обидат да го распалат огнот, каде што го нема. Целта е да се одржи чествување на еден великан Гоце Делчев, а не да биде центар и место каде што ќе настанат радикални појави, изјави Демерџиев.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во вторникот порача дека годишнината од раѓањето на Делчев треба да се чествува со соодветно однесување, а во најавените „херојски стражи“ на неговиот гроб гледа мотив за придобивање на политички поени на картата на национализмот.

– Нема услови и нема потреба за создавање на никакви паралелни структури, заради тоа што институциите на државата функционираат, особено институциите коишто се задолжени за безбедноста и стабилноста на оваа држава, изјави Петровска, додавајќи дека е „лоша одлука“ ако најавените стражи на ВМРО-ДПМНЕ бидат присутни околу црквата „Свети Спас“ со цел да предизвикаат инциденти.

Најавите за организирање на „стражи“, според министерот Спасовски, се едноставно неприфатливи и ниту една политичка партија не може да присвои некој лик и нечие дело, бидејќи Делчев му припаѓа на македонскиот народ.

Македонската полиција има капацитети во било какви услови да ја задржи безбедноста и мирот и спокојот на граѓаните, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на прашањет

– Единствено нешто што го заслужува Гоце Делчев е да имаме достоинствено чествување на негово дело. Ние како држава водиме политика на добрососедски односи, тука нема дилема, меѓутоа затоа бараме почит и достоинство. Од тие принципи ние не отстапуваме. Сакаме да подадеме рака на секого, меѓутоа жестоко ќе се спротивставиме доколку некој сака да ја понижи Македонија и македонскиот народ, порача Спасовски.

Околу најавите на претседателот на Здружението „Фондација Македонија“. Виктор Стојанов дека околу 150 лица од Бугарија ќе дојдат на чествувањето на Гоце Делчев, Спасовски вели дека МВР разменува податоци со бугарските колеги, додавајќи дека одлуката за евентуална забрана на одредени личности на настанот ќе зависи од анализите кои се прават и од податоците со кои располага полицијата, со цел да се обезбеди негово мирно и достоинствено одбележување.

– Клучно за нас ќе биде дали имаат намера било какви структури кои што сакаат да се организираат да предизвикуваат проблеми да изразуваат непочит кон граѓаните, кон државата и врз основа на тоа ќе се носат одлуките. Така што сите опции се отворени и впрочем постојат и законски основи за тоа, нагласи Спасовски.

Во однос на понудата од Главниот комесар на бугарското Министерство за внатрешни работи Станимир Станев дека Бугарија може да обезбеди помош во полицајци ако има такво барање од нашето МВР, Спасовски изјави дека нема потреба за тоа, бидејќи македонската полиција има капацитети кои што гарантираат стабилност и безбедност и е подготвена во целост за кој било настан и пригода да го сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните.

Во чест на 151-годишнина од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, в сабота повеќе делегации ќе положат цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

И потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во понеделникот изјави дека очекува на 4 февруари да има една достоинствена манифестација и достоинствено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, изрази надеж дека овој настан е можност за дијалог и зголемено меѓусебно разбирање и почит меѓу Северна Македонија и Бугарија.

– Ова беа тешки неколку недели, но дури и во тој период, значајно е дека имаше постојани контакти меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што добрососедските односи се во интерес на сите. Видовме контакти на ниво на премиери, министри за надворешни работи, внатрешни работи, да ги споменам како пример. Тоа е духот кој треба да се запази во ова одбележување, рече Гир.

Апел за достоинствено одбележување на годишнината и да не се дозволи ескалација на тензиите, во вторникот упатија и поранешниот бугарски претседателот Петар Стојанов и потомци на познати личности по потекло од Македонија, кои оценија дека провоцирањето на судири меѓу граѓаните на двете земји би претставувало „неприфатливо сквернавење на споменот на Гоце Делчев“.

Од денеска до сабота, посебен сообраќаен режим во Скопје, во пресрет на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев.

– Тоа ќе фрли лоша сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и врз оние кои загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт.​​ Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во која било од двете земји, свесно или несвесно, да ги уништат делата на нашите предци, се наведува во апелот.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Работел како учител во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО бил ангажиран на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ТМОРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на Организацијата во Софија. Бил убиен на 4 мај во 1903 од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното