Полицијата во Штип приведе 37-годишен маж откако при претрес во неговиот дом биле пронајдени марихуана, опрема за нејзино мерење и обработка, како и пневматски пиштол.
Од СВР Штип информираат дека на 8 септември, околу 10 часот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје го лишиле од слобода Б.К. (37) од Штип.
Претресот во неговиот дом бил извршен врз основа на судска наредба. При акцијата биле пронајдени и одземени поголема ќеса со марихуана, две дигитални ваги, дробилка и семки од растението канабис.
Полицајците, исто така, одзеле пневматски пиштол, мобилен телефон и парични средства.
За случајот бил известен јавен обвинител, а од полицијата најавуваат дека по целосното документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.