Во одделни полициски акции спроведени во Скопје, Гостивар и Прилеп, полицијата лишила од слобода девет лица кај кои биле пронајдени различни видови наркотични средства, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Скопје, во текот на 6 и 7 јули, полициски службеници од СВР Скопје привеле пет лица – Н.Ч. (32), З.Т. (26), Д.М. (22), Б.Е. (20) и Е.Ш. (30), сите од Скопје. При извршените прегледи кај нив биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, грутчеста материја и марихуана.
Во селото Леуново, гостиварско, на 7 јули околу 00:30 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода А.Л. (27) од тетовското село Шипковица, откако при преглед кај него била пронајдена бела прашкаста материја.
Во Прилеп, пак, на улицата „Александар Македонски“, полициски службеници запреле патничко возило „сеат“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од А.П. (41), во кое сопатничка била Н.Н. (25), двајцата од Прилеп. При контролата во возилото била пронајдена марихуана, по што двајцата биле приведени.
Подоцна истиот ден, околу 18 часот, во близина на вештачкото езеро во Прилеп бил лишен од слобода и М.Ц. (31) од Прилеп, бидејќи при преглед кај него била пронајдена марихуана.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи, против приведените ќе бидат поднесени соодветни пријави.