Полски министер: Единствено Кина може да ѝ наметне прекин на огнот на Русија во Украина

Кина е единствената земја која всушност може да ѝ наметне прекин на огнот на Русија во Украина, изјави денес шефот на полската дипломатија, Радослав Шикорски. Тој истакна дека од својот кинески колега Ванг Ѓи повеќепати слушнал дека Кина силно го поддржува прекинот на огнот, но дека тоа не е доволно, јавува „Гардијан“.

„Треба да видиме притисок врз Русија за да дојде до прекин на огнот и лично верувам дека Кина е единствената земја која всушност би можела да го наметне прекинот на огнот во овој војна“, рече Шикорски.

Тој потсети дека во јануари 2022 година, пред почетокот на војната во Украина, дошло до упад на руската армија во Казахстан и оцени дека тогаш Пекинг ѝ рекол на Москва да се повлече, во спротивно ќе престане да тргува со нив.

„Мислам дека Русија сега е толку зависна од Кина што тоа е многу моќна алатка која Кина ја има, а прашањето е, се разбира, дали би ја користеле“, рече Шикорски.

Тој, исто така, денес изјави дека упадите на руските дронови имале за цел да ги тестираат европските земји без вистинско предизвикување на војна.

Говорејќи на Варшавскиот безбедносен форум, Радослав Шикорски рече дека сите дронови кои последните недели упаднале во воздушниот простор на европските земји „дојдоа од исто место, различно од оние што оделе кон Украина“, пренесува „Гардијан“.

„Конструкциите на дроновите беа различни, беа неноружани, но со дополнителни резервоари за гориво наместо борбени глави“, рече Шикорски.

Тој го пофали одговорот на земјите на упадите на дронови.

„Мислам дека Русите направија уште една грешка бидејќи мислеа дека ќе нè поделат, дека ќе реагираме плашливо и ќе ја намалиме поддршката за Украина, но се случи спротивното“, рече Шикорски.

Како одговор на сè почестите закани, НАТО најави зајакнување на својата мисија на Балтичкото Море со испраќање фрегата за противвоздушна одбрана, како и дополнителни средства за следење и набљудување.

Алијансата, исто така, овој месец ја започна мисијата „Источна стража“ за да ја зајакне одбраната на источното крило на Европа, реагирајќи на упадите на руските дронови во полскиот воздушен простор. Русија ги негираше тврдењата дека нејзините дронови и борбени авиони го нарушиле воздушниот простор на земјите-членки на НАТО.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.