Македонија

Помеѓу стравот и вистината: Кристина Атовска за 4TV.mk проговори за тоа како се преживува и известува од првата линија на фронтот!

Помеѓу стравот и вистината: Кристина Атовска за 4TV.mk проговори за тоа како се преживува и известува од првата линија на фронтот!

Новинарката Кристина Атовска, во гостување на 4TV.mk, ги подотвори вратите на новинарската професија кога таа се одвива на првата борбена линија. Известувањето од воена зона не е само прашање на храброст, туку и на исклучително сложена логистика, сериозни финансиски средства и челична дисциплина.

Според Атовска, првиот чекор кон фронтот не е микрофонот, туку специјализираната обука.

„Прво, мора да се има на ум дека известувањето од војна бара сериозни финансии – се плаќа секогаш кога станува збор за воени терени. Исто така, секој медиумски работник – новинар, снимател или фотограф – мора да има претходна обука, бидејќи се работи за многу опасни подрачја“, објасни Атовска.

Таа посочи дека подготовката и логистиката се клучни.

„Во такви ситуации често мора да реагирате спротивно од првиот инстинкт, па затоа е важна и поддршката од луѓе кои однапред знаат како да реагираат во случај на опасност. Навистина е потребна детална логистика – од избор на безбедни градови до патувањето до конфликтните зони.“

Атовска го опиша и својот пат до Украина: „Прв град кој беше безбеден за пристигнување беше Лавив. Патот беше преку Варшава со авион, а потоа само на копно со воз или автомобил можеше да се влезе во Украина. До Киев, кој беше обколен од руските сили, стигнав со воз заедно со други колеги. Таквиот тимски пристап ни овозможи поголема безбедност. Потоа продолжив во Харков, исто со помош на локалци и со користење на единствените достапни патни опции.“

Атовска нагласи дека ваквото известување е тешко и ризично, но неопходно за да се прикаже вистината за животот на луѓето во најзагрозените подрачја.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни