Во Влада помина новиот предлог-закон со кој се регулира работата на Специјалното јавно обвинителство. Сега извршната власт текстот треба да го достави до Собрание. Исто како за Уставните измени, премиерот Зоран Заев повторно треба да обезбеди 2/3 мнозинство, за законот кој, како што рече, е еден од последните услови кои ЕУ очекува да ги исполни Северна Македонија. Откако се согласија со владините коалициски партнери, Заев рече дека следните денови ќе разговараат со опозициските партии со цел да добие нивна поддршка за новиот закон.
Дека треба да се постигне консензус за донесувањето на овој закон, се согласува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот на оваа партија, Никола Мицевски, рече дека партиските лидери треба да седнат и да најдат заеднички јазик за иднината на СЈО и за неколку други реформски закони. Дали ќе го поддржат овој закон или не, зависи од финалниот текст од предлог-законот, за кој Мицевски рече дека се обиделе да го добијат, но не успеале.
Идејата за консензус ја поддржува и пратеникот Зекир Рамчиловиќ, како дел од независната пратеничка група составена од 8-те исклучени пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Но, ниту тој не откри дали ќе дадат поддршка за предлог – законот за СЈО, бидејќи, како што рече, пратеничката група одлучила да не даде изјави без претходно да го види текстот. Овој текст го чека и Движење Беса за да одлучат дали ќе го поддржат или не, бидејќи, како што рече пратеникот, Фадиљ Зендели, СЈО работела селективно.
„Имаше селективен пристап, за некои се покажа како мајка, а за некои како маќеа. Сметаме дека таквиот пристап не е институционалниот пат во борбата против криминалот и корупцијата, но сметаме дека во овој правец нештата треба да се подобрат. Ги имаме предвид законските пречки кои СЈО ги имаше во иницирањето и покренувањето на кривични пријави, но исто така во текот на периодот кога тие имаа законска можност, не го искористија тоа, или може да се каже дека нивниот пристап не беше коректен“, изјави Фадиљ Зендели, пратеник на Движење Беса.
Овие обвинувања против СЈО, ги отфрли пратеникот на ДУИ, Артан Груби, кој рече дека СЈО покренала постапки за сите можни случаи кои прозилегуваат од преслушуваните материјали. ДУИ го поддржува предлог-законот за работата на СЈО, меѓутоа Груби рече дека нема да биде лесно да се убеди опозицијата за поддршка.
„Верувам дека нема да биде лесно да се добие поддршка, но имајќи ја предвид евроатланската перспектива на нашата земја, и доколку сите политички партии почнуваме од тоа, тогаш мислам дека ќе ја постигнеме целта“, изјави Артан Груби, пратеник на ДУИ.
И министерката за правда, Рената Дескоска, пред неколку дена рече дека во моментов ја немаат поддршката од 80 пратеници за предлог-законот, за СЈО да премине во постојаното Јавно обвинителство, но имајќи финансиска независност. Инаку, новиот закон за СЈО ќе овозможи истраги и покревање обвиненија и по 30 јуни 2017 година. Од СЈО не сакаа да коментираат за предлог-законот со кој ќе се регулира нивната работа во иднина, и не откриваат колкав ќе биде нивниот годишен буџет.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ