Врховниот совет за безбедност на Иран објави дека преговорите со САД ќе започнат во петок, 10 април, во Исламабад, откако Техеран достави предлог од 10 точки до Вашингтон, преку посредништво на Пакистан, објавија иранските државни медиуми, додавајќи дека разговорите не сигнализираат крај на војната.
Иран соопшти дека разговорите, кои би можеле да траат до 15 дена и би можеле да бидат продолжени со договор, имале за цел финализирање на деталите од предлогот, кој вклучува одредби за транзит низ Ормускиот теснец, ублажување на санкциите и повлекување на американските борбени сили од регионалните бази.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека се согласил да „го запре бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две недели“ доколку Техеран се согласи целосно да го отвори Ормускиот теснец.
Трамп објави прекин на огнот
Со тоа, Трамп го отфрли рокот од 20 часот во Вашингтон во вторникот за Иран повторно да го отвори Ормускиот теснец, клучен за глобалните испораки на нафта, или да се соочи со уништување на „цела цивилизација“.
Трамп рече дека разговарал со лидерите на Пакистан, кој е главен посредник меѓу Вашингтон и Техеран и барал двонеделен прекин на огнот во војната меѓу Иран и Ирак.
„Врз основа на моите разговори со премиерот Шехбаз Шариф и фелдмаршалот Асим Мунир од Пакистан, кои побараа да ја ограничам деструктивната сила испратена вечерва против Иран, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ПОТПОЛНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормутскиот теснец, се согласувам да ги суспендирам бомбардирањата и нападите врз Иран во период од две недели“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
„Ова ќе биде билатерално примирје“, рече Трамп.
Според Би-Би-Си, иранските државни медиуми, исто така, известија за најавата на претседателот Трамп.
Според фотографијата што ја споделија тие, насловот гласи: „Трамп објавува двонеделен прекин на огнот, прифаќајќи ги условите на Иран за прекин на војната“, а во веста се споменува и „понижувачкото повлекување на Трамп од антииранската реторика“.
Службеник на Белата куќа изјави дека Иран, исто така, се согласил на привремен прекин на огнот, објави Си-Ен-Ен.