Македонија

Понудил најниска маржа, ЕВН универзален снабдувач со електрична енергија

Конзорциумот составен од ЕВН Македонија и ЕВН електроснабдување е избран за најдобар понудувач на електронската аукција за јавно поддавање за избор за универзален снабдувач со електрична енергија. На електронската аукција ЕВН понуди најниска маржа, односно процент на профитна маргина од 11,5 проценти.

„Комисијата официјално до Владата ќе достави извештај за спроведената постапка со предлог одлука за избор на најповолна понуда и се надеваме дека на првата наредна владина седница ќе биде донесена одлуката за избор, по што најповолниот понудувач ќе биде поканет да склучи договор за универзален снабдувач со електрична енергија“, изјави Глигор Каневче, претседател на Комисијата за избор на снабдувач.

Според вицепремиерот Анѓушев со универзалниот снабдувач како механизам се штити интересот на граѓаните и се обезбедува домашно произведената електрична енергија да стигне кај нив по најповолни цени и услови и на тој начин да се заштитат од ценовните шокови.

„Со овој чекор на либерализација, од една страна се заштитуваат граѓаните од ценовните шокови, но од друга  страна се либерализира пазарот за малите компании кои сега ќе имаат пристап на слободниот пазар и треба да очекуваат пониска цена на електричната енергија од таа што ја имаа досега“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за еконосмки прашања.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека ЕВН понуди маржа од 11,5 проценти со што се намали првичната маржа од 14,4 за старт на аукцијата што беше понудена од истиот понудувач.

На електронската аукција одржана утрово, свои понуди доставиле две компании,  ЕВН Македонија и ЕЛЕМ. Избрана е најмалата понуда. На следната владина седница треба да биде потпишан договорот, според кој ЕВН во наредните пет години ќе биде универзален снабдувач со електрична енергија.

РЕПОРТЕР: ЕДИН РАСТОДЕР

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни