Министерството за внатрешни работи (МВР) експресно реагираше по објавувањето на фотографиите на социјалните мрежи, на кои се гледа како свештено лице врши верски обред – осветување на службени полициски возила.
Случајот кој предизвика бурни реакции и потсмев во јавноста, сега е во рацете на Внатрешна контрола. Од МВР за јавноста потврдија дека се проверува кој и зошто го дозволил овој чин во државна и секуларна институција.
Внатрешна контрола на терен
Од Министерството кратко и прецизно информираат дека случајот се испитува:
„Во однос на објавените фотографии за кои прашувате, Министерството за внатрешни работи ве известува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите, по што, јавноста ќе биде соодветно информирана.“
Останува да се види дали ќе има дисциплинска одговорност за старешините кои го дозволиле или организирале верскиот обред врз државниот имот.
