Љубителите на зимските спортови конечно дочекаа. Интензивните врнежи од снег на Шар Планина во изминатите денови формираа снежна покривка од над 30 сантиметри, што беше доволно за денес (11 јануари) и официјално да биде означен почетокот на скијачката сезона на Попова Шапка.
Вработените во ски-центарот потврдуваат дека патеките се иставани и подготвени за првите скијачи.
Работно време и билети
Техничкиот директор на центарот, Станислав Бојчески, информираше за деталите:
„Денеска официјално се отвора зимската сезона 2026, ски-лифтовите ќе бидат во функција од 08:45 до 15:00 часот. Сите оние кои сè уште не купиле сезонски билети, ќе можат да ги подигнат директно на билетарата на Попова Шапка.“
Што е пуштено во употреба?
Скијачите денес ќе можат да ја користат речиси целосната инфраструктура на центарот:
- Ски-лифтови: „Поток 1“, „Поток 2“, „Аеродром“ и „Ге“.
- Жичници: „Свети Илија“, „Церипашина“ и новата шестоседна жичница.
ВАЖНО: Не тргнувајте со летни гуми!
Од Попова Шапка упатија сериозен апел до сите посетители кои планираат да се упатат кон планината: Строго е забрането и опасно да се тргнува со летни гуми. Поради снегот на коловозот, несовесните возачи без зимска опрема заглавуваат и создаваат блокади и колони, оневозможувајќи го пристапот за сите останати.
