Поранешниот градоначалник на Крушево Томе Христовски се повлекува од политиката и се враќа во МВР!

Поранешниот градоначалник на Крушево, Томе Христовски, објави дека ја започнува постапката за враќање на своето работно место во Министерството за внатрешни работи. Во својата објава на социјалните мрежи, тој истакна дека законот налага вработените во МВР да не бидат дел од органи или тела на политичка партија, поради што донел одлука да се повлече од сите политички функции.

„Оваа одлука ја носам со почит кон институциите и со целосна одговорност кон законите. Политиката за мене никогаш не била средство за лична корист, туку начин да се помогне, да се слушне народот и да се решаваат проблеми“, напиша Христовски.

Тој додаде дека се повлекува со подигната глава, уверувајќи дека сите негови проекти и активности во Крушево биле во интерес на граѓаните и во согласност со законите и моралните норми.

„Сега се враќам на професионалната должност во МВР, каде што ќе продолжам да работам одговорно, со истата посветеност и намера — да служам чесно и правично во служба на сите граѓани“, посочи Христовски.

Во текот на својот мандат, тој истакнува дека работел чесно, транспарентно и со почит кон секој граѓанин, оставајќи за наследство проекти и дела за развојот на малата, но значајна општина.