Поројни дождови, поплави и свлечишта во Мексико: Бројот на жртви се искачи на 47

Најмалку 47 лица го загубија животот, а 38 се водат како исчезнати поради поплавите и одроните што ги предизвикаа обилните дождови во повеќе региони на Мексико, соопштија тамошните власти.

Според официјалните податоци, околу 260 населени места – најмногу во планинските предели – се целосно отсечени од надворешниот свет. Десетици илјади домови се поплавени и прекриени со кал и наноси.

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум го посети најпогодениот град Поза Рика, во источната држава Веракруз, каде што беше пречекана со протести од граѓани кои бараат побрза реакција на властите. „Свесни сме за очајот и стравот кај населението. Владата ќе им помогне на сите погодени“, порача Шеинбаум во видео обраќање.

Поплавите оштетија бројни патишта и мостови, а делови од земјата останаа без струја поради урнати електрични столбови. Метеоролозите предупредуваат дека врнежите ќе продолжат и во наредните денови, што го зголемува ризикот од нови свлечишта.

Најпогодени се државите Веракруз, Идалго, Пуебла, Кверетаро и Сан Луис Потоси, при што најголем број на жртви се регистрирани во Веракруз и Идалго.

Мексико се наоѓа при крајот на сезоната на дождови, која трае околу половина година и вообичаено завршува во ноември. Според експертите, екстремните врнежи се последица на тропските циклони „Присила“ и „Рејмонд“ во Пацификот, како и на нестабилни атмосферски струи над Мексиканскиот Залив.

Во државата Пуебла, поплавите предизвикаа бегство на бенгалски тигар од локалната зоолошка градина. Животното подоцна било пронајдено мртво под наносите од кал и остатоци, соопшти Агенцијата за заштита на животната средина „Профепа“.