Владини извори за ТВ21 потврдуваат дека реконструкцијата на Владата се очекува да донесе рокада меѓу Националната демократска преродба и Либерално-демократската партија. Министерството за локална самоуправа со кое раководи Сухејл Фазлиу, кадар на НДП, треба да му се довери на актуелниот претседател на ЛДП Горан Милевски. Министерството без ресор за подобрување на инвестициската клима, на чело со Зоран Шапуриќ од ЛДП, ќе замине под раководство на НДП, но сѐ уште не се знае кој ќе биде именуван за прв човек на овој ресор.
Неофицијално се дознава дека Садула Дураку од ДУИ, ќе го преземе новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а на негово место во Министерството за животна средина ќе дојде Насер Нуредини, исто така кадар на ДУИ. Хазби Лика пак од редовите на интегративците, се очекува да замине од функцијата – вицепремиер. Иако беше најавено дека до петок во Собранието ќе бидат доставени предлозите за новите министри, сепак од Кабинетот на собранискиот спикер, велат дека владините предлози сѐ уште не пристигнале. Од Кабинетот на премиерот пак, затворени за детали околу „метлата“.
„Како и што информиравме, до крајот на неделава се очекува премиерот Зоран Заев до Собранието на Република Северна Македонија да ги достави предлозите за измени во владиниот кабинет. До официјалниот момент на доставување на предлогот не можеме да кажеме дали ќе бидат опфатени или не и вицепремиерите, бидејќи премиерот продолжува со консултациите со лидерите на политичките партии кои се дел од владиното мнозинство“, изјави Мухамед Хоџа – портпарол на Владата.
Од она што е познато досега, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски ќе се повлече од извршната власт, за биде генерален секретар на СДСМ, но сѐ уште е неизвесно кој ќе го заземе неговото место. Од здравствени причини, Асаф Адеми веќе нема да раководи со Министерството за култура. Тој доаѓа од редовите на Алтернатива, а од партијата на Африм Гаши, велат дека најверојатно ќе продолжат да управуваат со ова министерство. Конкретни имиња не откриваат, само информираат дека има неколку можни кандидати за министерското столче.
И понатаму не е познато дали со вршење на нивните функции ќе продолжат министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Инаку, утрово се сретнаа премиерот Заев и првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, но и покрај нашите обиди, никој од ДПА не сакаше да изнесе детали за што станало збор на средбата и дали под нивна надлежност ќе остане Министерството без ресор за економски прашања и странски инвестиции. Најавено е дека 8 министри ќе ги напуштат нивните фотелји, а од вториот ешалон околу 20 директори. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека реконструкцијата која се спроведува не ветува ништо ново и подобро. Од опозицијата бараат вицепремиерот Кочо Анѓушев да замине од Владата, бидејќи како што велат, ја злоупотребува функцијата местејќи тендери за неговите фирми.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
The post Последните отчукувања на „метлата“ – „Рокада меѓу НДП и ЛДП“, дознава ТВ21 appeared first on ТВ21.