Последниве 30 години двојно зголемен бројот на лица со хипертензија

Медицинското списание Лансет објави студија според која повеќе од 1,2 милијарди луѓе во светот живеат со хипертензија, односно двојно повеќе од пред 30 години.

Бриселскиот портал Еурактив пишува дека високиот крвен притисок секоја година директно се поврзува со над 8 милиони смртни случаи и претставува главен фактор на ризикот за мозочен удар, исхемична срцева болест, други васкуларни заболувања и бубрежни заболувања,

Намалувањето на крвниот притисок може за една четвртина да го намали бројот на срцеви удари и речиси да го преполови бројот на случаи на срцева слабост и мозочни удари, а се смета дека болеста е „лесна“ за дијагностицирање и релативно лесна за лекување со евтини лекови со цел да се спречат посериозни здравствени проблеми.

Меѓутоа, бројот на лица кои страдаат од хипертензија од ден на ден се повеќе расте, а речиси половина од луѓето кои во текот на 2019 година имале хипертензија не би биле свесни за тоа, додека пак половина од оние со дијагноза на хипертензија не примале терапија.

„И покрај медицинскиот и фармаколошкиот напредок во претходните децении, глобалниот напредок во управувањето со хипертензија беше бавен, и повеќето лица со хипертензија остануваат нелекувани, со големи недостатоци во средните и неразвиените земји“, вели Маџид Езати, автор на студијата.

Во Европа, стапката на хипертензија е висока во централните и источните земји како Унгарија, Полска и Хрватска, а истражувањето покажало дека во тие земји, како и во Литванија, Белорусија и Романија, повеќе од половината жени имаат висок крвен притисок.

Од друга страна, во земјите од Западна Европа, меѓу кои се Швајцарија, Велика Британија и Шпанија, процентот на население кое има хипертензија е на најниско забележано ниво, а регистрирано е дека овие земји, исто така, имаат најниска стапка на хипертензија кај жените, помала од дури 24 отсто.

„Глобалната распространетост и стапка на контрола на болестите од приближно 20 отсто треба да бидат предупредување дека уште многу години ќе се бориме со кардиоваскуларните болести, особено ако продолжиме вака“, рече Клара Чао од Универзитетот во Сиднеј.