До крајот на месецов ќе има оспособено 30 автобуси, а советниците на Град Скопје ќе ги изгласаат програмите на градоначалничката Данела Арсовска со кои ќе се вработат дополнителни 120 работници во Комунална хигиена. Ова е исходот од денешната координација кај претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски со координаторите на советничките групи и градоначалничката Данела Арсовска, а на која присуствуваа и директорите на јавните претпријатија.
„Охрабрува она што директорот го кажа дека по негова проценка дури 30 автобуси би можеле да бидат поправени, да бидат рехабилитирани и да се стават во функција. Програмата за дополнителни активности на Комунална хигиена за периодот први септември – 31 декември што ќе значи дека тие бараа дополнително сезонско вработување или вработување на сезонски работници од 120 и мислам дека постои расположение едногласно да се прифати тој предлог.“, вели Славевски.
Според Гордан Шутаров советник од СДСМ добро е тоа што мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ ќе почнат да ги гласаат програмите.
„Молбата на Комунална хигиена Скопје и на Јавното сообраќајно претпријатие да се изгласаат во нареден период програмите за ангажирање на дополнителни 120 сезонски работници. Ова е одлука која што секоја година сме ја имале и сме гласале во Советот на градот Скопје но исто така и апелот од страна на директорот на Јавното сообраќајно претпријатие да се изгласа одлуката за отпочнување на постапката за набавка на нови автобуси но и да се изгласа потребата односно отпочнувањето на постапката за реализација на бас рапид транзит системот.“, изјави Шутаров.
Подолг период состојбата во град Скопје е алармантна како со градскиот превоз така и со хигиената во градот. Поради тоа скопските градоначалници побараа да и бидат одземени ингеренциите на градоначалничката Арсовска, но беше договорено да се изнајде решение заедно со советниците на градот.

