По два часа разговор со членовите на интерпарламентарното тело меѓу пратениците и потпретседателите на Собранието, постигната согласност околу процесот на помирување за настаните од 27 април. Премиерот Зоран Заев, смета дека за идеите за кои има согласност и од партиите, како и за изготвувањето на законското решение, треба да биде консултирана и стручната јавност. Премиерот нагласи дека не треба да се поминат црвените линии, со цел да не се влијае врз легислативата.
Следниот вторник, трите собраниски подгрупи, кои се однесуваат на реформи, интеграција и помирување, треба да се сретнат за да се разгледаат областите на дејствување и да излезат со конкретни предлози.
Според нашите информации, подготовката на овој документ е пред самиот крај, односно во моментов правниот тим работи на усогласување на неговата содржина, пред да бидат извршени пошироки консултации со стручната јавност. Во првиот член од овој предлог закон, заради општа прифатеност, ќе стои дека се работи за предлог закон кој ќе ги опфати учесниците во настаните на 27 април 2017 година. Ако се толкува само овој Член, се заклучува дека амнестија ќе има за сите учесници, без исклучок. Сепак, во вториот Член во документот кој е во завршна фаза, според нашите информации ќе стои дека Членот 1 нема да важи за лицата кои имале командна одговорност, за оние кои ја злоупотребиле службената положба, но и за оние за кои постојат цврсти докази дека свесно и со намера нападнале пратеници со цел нанесување физички повреди, и намера да одземат човечки живот. Воедно, во друг Член од предлог – законот ќе им се овозможи на сите оние кои ќе бидат опфатени со амнестијата, да се откажат од оваа можност и доколку сметаат дека се невини, тоа да го докажат пред судовите во Република Македонија.
Инаку, пред само неколку дена предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ кој предвидуваше целосна амнестија за сите учесници во настаните од 27 април не помина во Собранието.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ
