Потпишан договорот за изградба на фотонапонска централа Осломеј

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска присуствуваа на потпишување на договор помеѓу директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер, и директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски, за изградба на фотонапонска централа Осломеј.

„Најавивме економска година, и од тој аспект, ова е прекрасна прилика да таа економска година ја ставиме во функција“, рече премиерот Заев на почетокот на своето обраќање по потпишувањето на договорот.

Се вчитува...

„Значајно е што државата го повлекува првиот чекор, од она што следува, од преку 200 мегавати нови инвестиции во фотоволтаици или фотонапонска мрежа, којашто на повеќе локации низ државата, под раководство на министерството за економија, вицепремиерот Анѓушев и мојот кабинет, односно советниците за енергетика, подготвуваме неколку локации за јавно-приватно партнерство за 200 мегавати, и давање под концесија за сите заинтересирани кои ќе сакаат да инвестираат во ваквите енергетски обновливи извори на енергија“, појасни премиерот Заев.

Овој заем, како што појасни премиерот Заев е прв за ЕЛЕМ без државна гаранција и за него важат целосно пазарни параметри.

„Ова претставува пример како еден скоро заборавен објект, ТЕЦ Осломеј полека ќе го претвориме од загадувачки објект во еколошки објект, кој ќе произведува чиста електрична енергија. Ова се само првите 10 мегавати, за кои потпишуваме договор за финансирање, за да бидат изградени. Таму ќе продолжи градењето и во наредните години со повеќе инсталирана моќност до 30-40 мегавати, како што е предвидено во инвестиционата програма на ЕЛЕМ“, потенцираше вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши подвлече дека имплементацијата на проектот „Фотонапонска централа Осломеј“ ќе го зголеми учеството на обновливи извори на енергија во Република Македонија, со што ќе се придонесе за исполнување на стратешките определби  на Република Македонија, согласно меѓународните договори за учество на обновливи извори на енергија. Тој истакна дека ова е важна капитална инвестиција од ЕЛЕМ, која се совпаѓа со заложбите на владата но и со новиот закон за енергетика.

„Мора да се каже дека нема да застанеме тука, ова е само почетокот, ние како министерство за економија, во тесна соработка со кабинетот на премиерот и кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, при крај сме со подготовката на тендерската документација за дополнителна инсталација на 200 мегавати што претходната година ги најавивме и очекуваме да почнат аукциите од февруари оваа година“, рече министерот Бектеши.

Извор: ТВ21