ПОТРЕСНИ ДЕТАЛИ ОД МЗ: Метален предмет му го разорил мозокот на 2-годишното дете – операција била невозможна

Министерството за здравство излезе со официјално соопштение за трагичната смрт на двегодишното дете, откривајќи дека повредите предизвикани од „метално страно тело“ биле толку катастрофални што лекарите биле немоќни да интервенираат хируршки.

​И покрај максималните напори на тимот на Клиниката за неврохирургија, деструкцијата на мозочното ткиво била фатална.

Се вчитува...

​Битка за живот на Интензивна нега

​Од Министерството појаснуваат дека детето првично било примено на Ургентниот центар, а потоа итно префрлено на Одделот за интензивна нега на Неврохирургија.

​„Детето беше интубирано, поставено на механичка вентилација, ординирана беше антибиотска и антиедематозна терапија со 24-часовен мониторинг. За жал, интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување“, се вели во соопштението.

​Исходот бил трагичен како директен резултат на „многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело“.

​Апел: „Не пукајте!“

​Изразувајќи длабоко сочувство до семејството во овие неизмерно тешки моменти, Министерството за здравство упати остар апел до јавноста, поврзувајќи ја трагедијата со употребата на оружје за време на празниците.

​„Апелираме до сите граѓани, новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди, а особено без користење огнено оружје. Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални“, порачуваат здравствените власти.